ЗА МИЈАЛКОВ ,шефот на УБК НИКОЈ НЕСМЕЕ ЈАВНО ДА ПИШУВА- од архивата на фокус

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down

ЗА МИЈАЛКОВ ,шефот на УБК НИКОЈ НЕСМЕЕ ЈАВНО ДА ПИШУВА- од архивата на фокус

Пишување by osa on Пон Jул 31, 2017 11:27 pm

АРХИВА За шефот на тајната полиција не смее да се пишува јавно!
31/07/2017

Текстот е објавен на трети октомври 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 991

Откако пред девет месеци Основниот суд Скопје 2 му ја одмери казната на дневен „Фокус“, за написите поврзани со првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, по сведочењето на поранешниот амбасадор во Прага, Игор Илиевски, сега се огласи и Апелациониот суд.

„Фокус“ има да плати, и тоа „солено“, над 9.000 евра, зашто не знаел дека информациите што ги добивал за јавниот функционер Мијалков не се од јавен интерес?! Од јавен интерес за судот не е и мистериозното исчезнување на Илиевски по објавените написи, бидејќи луѓе секојдневно исчезнувале!?

Пишувала
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Ретко кој имал можност да му го слушне гласот на првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, но и како таков, молчалив и таинствен, во јавноста преовладува чувството дека тој е еден од најмоќните и највлијателните функционери во државата. А, некои дури му придаваат и поголема моќ од онаа што е во рацете на неговиот братучед, премиерот Никола Груевски. Или, што би рекол народот, „тој пали, тој и гаси“.

Но, и покрај неговиот имиџ на „цврста рака во власта“, сепак шефот на тајната служба, колку и да звучи контрадикторно, има и „кревка“ душа, бидејќи сѐ почесто тужи за клевета и навреда, поради претрпена душевна болка од јавно изречен збор.

Гласот никогаш не му го слушнаа, барем не во судница, ниту судиите кои одлучуваа по неговите тужби, но тоа не ги спречуваше да пресудат во негова корист. Така, досега трипати го тужеше Јани Макрадули, и го победи, еднаш новинарот Љубиша Арсиќ, го тужи и Петре Шилегов, а деновиве ја однесе и „победата“ против „Фокус“ и поранешниот амбасадор во Чешка, Игор Илиевски. Ќе си земеме за слобода да додадеме дека победата му е само финансиска, зашто со оваа одлука треба да го наполни џебот со околу 20.000 евра, но не и морална. А, моралот и да сака не може да влезе во џебот. Нема место.

РОК ОД 15 ДЕНА ЗА ФИНАНСИСКО ЗАЛЕЧУВАЊЕ НА ДУШАТА

На крајот на декември 2013 година, Основниот суд Скопје 2, поточно судијката Јованка Спировска-Панева донесе пресуда со која, уредничката на веќе згаснатиот дневен „Фокус“, Јадранка Костова е казнета со 5.000 евра, новинарот Владо Апостолов со 1.000 евра, а уредникот и новинарот треба да ги надоместат и судските трошоци на адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски, во вредност од 3.312 евра.

Во судскиот процес обвинет беше и поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Илиевски, кој, пак, на Мијалков, исто така треба да му плати 10.000 евра, а на оваа сума се додаваат и приближно 1.000 евра за судски трошоци. Оваа пресуда, по девет месеци, ја аминува и Апелациониот суд, по чија одлука веќе стана правосилна. Потписник на пресудата е претседателот на советот, судијката Лидија Димчевска, а членови на советот биле судиите Станка Зафировска и Енвер Беџети.

„Клеветничките“ два текста што му предизвикале тешки душевни болки на Мијалков беа објавени во дневниот „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. Го обвинуваше и дека бил нем набљудувач на четирите закани по неговиот живот и три закани со бомба на амбасадата, како и дека не му помогнал во враќањето на неговиот син, кој наводно бил киднапиран од неговата поранешна сопруга и некој чешки адвокат.

Иако неколкупати беше побарано, Мијалков не одговараше на прашањата на „Фокус“ во кои се бараше негов коментар за обвинувањата.

Сега тужените имаат рок од 15 дена да ги исплатат парите, инаку им се заканува присилно извршување. Поднесувањето вонреден правен лек до Врховниот суд не го запира извршувањето на оваа одлука, па така парите ќе треба што поскоро да легнат на сметката на Мијалков.



ПОСТАПУВАЊЕТО НА МИЈАЛКОВ НЕ БИЛО ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

За Апелациониот суд, како и за првостепениот, биле спорни три работи. Судовите утврдиле дека новинарот немало потреба да пишува за личното сведоштво на ексамбасадорот, во кое главна улога има шефот на тајната полиција, бидејќи информациите што биле пласирани, според нив, ниту биле од јавен интерес, ниту, пак, предизвикале или можеле да предизвикаат дебата за некое прашање од јавен интерес?! Па, така, според судот не е од јавен интерес доколку амбасадор се пожали дека се плаши за сопствениот живот, а потоа, откако ќе исчезне, како што тоа се случи со Илиевски, никој не треба да се интересира за тоа, каде е и дали е жив и здрав.

Понатаму, судот тврди дека на изворот не требало да му се верува, бидејќи иако бил поставен за амбасадор од владејачката гарнитура, сепак имал семејни проблеми, што според судиите го прави несериозен?!

„Тужените не само што не ги провериле информациите што ги објавиле, туку по оцена на овој суд, го занемариле и битниот факт дека тужениот Илиевски како физичко лице имал лични семејни проблеми и пратил имејл со наведената содржина за тој да се објави во негов личен интерес, очигледно за решавање на семејниот проблем…“, се наведува во пресудата на Апелациониот суд.

Ова, според мислењето на судиите, значи дека во иднина секој новинар најпрвин треба да се распраша за приватниот и семеен живот на соговорниците, на увид да го добие нивниот здравствен картон, па доколку се утврди дека се во среќен брак и здрави како дрен, само тогаш да објави нивна изјава.

Судиите посочуваат и дека не бил исполнет и третиот услов, а тоа е дека новинарот и уредникот не постапувале според професионалните стандарди, бидејќи не истражиле доволно и не собрале докази.

Тука нема многу да коментираме, туку само ќе потсетиме дека со години судот не можел да добие исказ од Мијалков како странка во неколку тужби, но затоа очекува новинарите редовно да го контактираат. Ако недостапноста на функционерот за јавноста, според судиите значи и алиби да не се напише ниту збор за него, тогаш им признаваме, тие се во право!

Ваквото образложение на второстепениот суд е неприфатливо за адвокатот на тужените, Тале Арсов, кој истакнува дека без да навлегува во оценка на вистинитоста на изјавата од поранешниот македонски амбасадор во Чешка, Илиевски, смета дека второстепениот суд неправилно ги ценел посебните законски основи кои ја исклучуваат граѓанската одговорност на тужените.

ЧОВЕК ШТО ИМА СЕМЕЈНИ ПРОБЛЕМИ НЕ Е ВЕРОДОСТОЕН ИЗВОР?!

Според Арсов, со текстот се покренуваат прашања од јавен интерес, бидејќи функцијата директор на УБК е од највисок јавен интерес. Исто така, тој објаснува дека воопшто не се доведува во прашање сериозноста на изворот, бидејќи станува збор за изјави на поранешен амбасадор, а биле запазени и професионалните стандарди бидејќи новинарот побарал мислење и направил истражување прибирајќи одлуки од Основниот суд Скопје 2 околу родителското право на поранешниот амбасадор.

„Второстепениот суд сметал дека ниту еден од овие три услови не се исполнети за да се исклучи граѓанската одговорност на тужените, особено ја потенцира сериозноста на изворот кој бил поранешен амбасадор со лични семејни проблеми. Според Апелација, тужените како новинари го занемариле „битниот“ факт дека поранешниот амбасадор – тужен Игор Илиевски како физичко лице имал лични семејни проблеми и праќал имејлови за нивно решавање. Овие аргументи воопшто не се битни, ниту ја намалуваат сериозноста на изворот и немаат логика“, вели адвокатот Арсов, кој додава дека во второстепената пресуда не се ценети сите жалбени наводи, а оние кои биле ценети, се образложени со контрадикторни и нелогични аргументи, што е добра основа за ревизија пред Врховниот суд.

Тој објаснува дека доколку овие аргументи поминат во Врховниот суд, оваа пресуда ќе биде пример за поставување нови стандарди во новинарството.

„Пред секое интервју изворот да пополни прашалник, да даде заклетва или медицинско уверение дека психички и ментално е стабилен и нема проблеми со семејството, НОН СЕНС! Само за споредба, тоа што поранешниот амбасадор за судот е несериозен извор, мас-медиумите во јавноста пласираат „експертски“ мислења од лица – поранешни амбасадори!“, заклучува Арсов.

Пред Илиевски да стане недостапен за јавноста, тој во своите дописи до „Фокус“ објаснуваше дека се вработил во МНР благодарение на претседателот Борис Трајковски, а во Чешка бил пратен со указ на неговиот наследник Бранко Црвенковски, додека цело време ја почитувал и ја продолжувал „визионерската политика на Киро Глигоров“.

И како што вели Илиевски, на 13 февруари 2011 година, актуелниот претседател Ѓорге Иванов му доделил пофалница за неговите достигнувања.

Тој го објасни и своето потекло. Татко му Миле работел како советник во Службата за државна безбедност (СДБ), а потоа починал под крајно мистериозни околности. Неговата мајка, Магдалена, пак, била заменик-претседател на ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ за време на првите повеќепартиски избори.





КОГА СЕ ДЕЛАТ КАЗНИ, „ФОКУС“ Е ПРВ, А ЗА РЕКЛАМИ ПОСЛЕДЕН

Покрај сите овие „аргументи“ на судот, за адвокатот Арсов, спорна

е и висината на досудената нематеријална штета од 6.000 евра која новинарите Костова и Апостолов треба да ја исплатат, а за која Апелација смета дека е справедлив паричен надомест за повредата на личните права на тужителот, кој соодветствувал на карактерот и природата на навредата.

„Ако се земе предвид просечната плата на новинарите во Македонија, минусирано со трошоците на животот, тоа е паричен износ што ретко кој новинар може да го заработи годишно, а не, пак, да го исплати, со тоа практично сте му ја запечатиле судбината на новинарот, за каква справедливост може да стане збор? Овие факти се важни затоа што Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета предвидува при одредување на износот на паричното обесштетување судот облигаторно да ја земе предвид имотната состојба на тужените“, вели Арсов.

Нејасно е како судот успеал да измери со колку средства ќе успее да му ја залечи душевната болка на оштетениот, бидејќи до него не беше доставено психијатриско вештачење, ниту, пак, Мијалков се појави за да сведочи.

Иако во жалбата поднесена до Апелација, адвокатот Апостолски се повикуваше на психијатриско вештачење, сепак, претпоставуваме дека станува збор за грешка, бидејќи во пресудата на Апелација јасно се наведува дека вакво вештачење не било изготвено, зашто според нив не било ниту потребно. Според судот, надоместокот во конкретниот случај е одреден поради повреда на личните права, потенцирајќи дека не станувало збор за повреда од медицински карактер.

Висината на надоместокот во пресудата го правдаат и со фактот што „Фокус“ бил печатен медиум достапен на широката јавност, но по сѐ изгледа дека овој критериум важи само кога му се суди. Кога, пак, се одлучува во кои медиуми ќе се слеат владините пари за реклами, тогаш од најтиражен, станува најслабо продаван весник.

КАДЕ ИСЧЕЗНА ЕКСАМБАСАДОРОТ ИЛИЕВСКИ?

За проблемите на Илиевски јавноста првпат разбра на 17 октомври 2012 година, кога тој излезе на прес-конференција во еден прашки хотел и, како што самиот подоцна објасни, настапил како приватно лице, а не како дипломат.

Алармираше дека неговиот две и полмесечен син му го одзела сопругата, која, инаку, била по потекло од Шпанија. Наводно, во тоа ѝ помогнала некоја адвокатска канцеларија од Прага заедно со приватна агенција за обезбедување, а Илиевски спомна дека имало и физичко насилство.

Три дена подоцна, тогаш сè уште како амбасадор, Илиевски испрати допис до медиумите во кој вели дека било ризично што излегол во јавност и оти бил подготвен да се соочи со сите евентуални последици доколку некому му наштетил, некого засрамил или ако нарушил нечиј углед.

Десет дена по неговото второ обраќање, на МИА осамна вест дека мандатот на Илиевски завршил.

Следните два месеца немаше никаква информација за ексамбасадорот, сè додека тој јавно не настапи преку „Фокус“, а во истиот момент и скопски „Вест“ на насловната страница објави дека, според неофицијални информации, Илиевски пребегал во Полска и побарал азил.

Од објавените „спорни“ текстови поминаа речиси две години, а толкав временски период немаше трага од поранешниот амбасадор во Чешка, Илиевски. За време на судскиот процес против „Фокус“, адвокатот на Мијалков мудро сугерираше дека можеби Илиевски отишол во манастир, додека судијката аргументираше оти не е чудно ако човекот го нема, зашто луѓето постојано исчезнувале.

Илиевски не беше достапен ниту за судот и не присуствуваше на ниедно од рочиштата, му доделија адвокат по службена должност, кој, исто така, не размени два реда муабет со ексамбасадорот. „Фокус“ со Илиевски комуницираше исклучиво преку имејл, и тоа продолжи во текот на речиси целата 2013 година, меѓутоа непосредно пред последното рочиште, некаде во декември лани, од него се изгуби трагата и на интернет.

По една година, „Фокус“, во вторникот, повторно стапи во контакт со Илиевски, бидејќи ни одговори на нашата имејл-порака. Не сакаше да открие во која земја престојува, коментирајќи дека за тоа сѐ уште не е дојдено време.

„Легално престојувам во земја која ги почитува и имплементира правилата на Интерпол. Во земја која ја почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, во земја која препознава тероризам“, вели Илиевски, кој додава дека можеби ќе престане да се крие кога ќе се реши случајот со киднапирањето на неговиот син.

„Кога ќе заврши сѐ, најверојатно ќе бидам во состојба повторно јавно да зборувам“, заклучува Илиевски.

Очигледно е дека никој во државата не го бара поранешниот амбасадор, или, пак, се обидува да му помогне во потрагата по неговиот син, а со ваквите судски одлуки се прави обид да се замолчат и тие што досега го барале.

Според логиката на судот, луѓе секојдневно исчезнуваат, а според онаа на власта, секој има право слободно да се движи, сѐ додека ја држи устата затворена.

ЗНМ: СУДОТ ГИ ОДВРАЌА НОВИНАРИТЕ ДА ПИШУВААТ ЗА ВЛАСТА

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осуди одлуката на Апелацискиот суд, со која се потврдува осудителната пресуда за „Фокус“.

„Сметаме дека одлуката на судиите Димчевска, Зафировска и Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта. Изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари. Судот воведува неприфатлива практика новинари да се осудат за клевета заради пренесена изјава. Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш најголем дел од изјавите на јавни личности, не треба да се објавуваат“, потенцираат од ЗНМ.

Од новинарската асоцијација додаваат дека е апсурдно тврдењето на судот дека изјавата на Илиевски против Мијалков не е прашање од јавен интерес затоа што не се однесувала на начинот на кој тој ја извршувал функцијата.

„Илиевски во објавениот текст го обвинува директорот на УБК за злоупотреба на службена должност, што е прашање од врвен јавен интерес. Чудна е констатацијата на судот дека изјавата на поранешниот амбасадор не може да се третира како сериозен извор. Ако е тоа така, тогаш јавноста има право да знае како Илиевски воопшто станал амбасадор“, велат од ЗНМ, од каде што заклучуваат дека со овој судски процес директорот на УБК Мијалков ја игнорира препораката на Френк Ла Ру, специјален известувач за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување на Обединетите нации, кој во последниот извештај за Македонија порачува државните функционери и политичкиот врв да се воздржат од поднесување судски тужби против новинари.

СУДОТ ЈА ПРИФАТИ ТУЖБАТА НА МИЈАЛКОВ БЕЗ МАТИЧЕН БРОЈ И АДРЕСА

Кога на 8 јануари 2013 година, полномошникот на Мијалков, адвокатот Апостолски ја поднесе тужбата против новинарот и уредничката на „Фокус“, таа во судот била примена без матичен број и адреса на тужителот, што ја прави правно неиздржана. Иако на ова реагираше адвокатот Арсов, Апелациониот суд утврдил дека нема ништо спорно бидејќи истиот ден, ама малку подоцна, полномошникот на тужителот го уредил тужбеното барање. И покрај корекцијата, тужените примија тужба без личните податоци на Мијалков. Тие бараа тужбата уште на самиот старт да се отфрли како неуредна, но судот им го одби барањето.

_________________
Кога некој премногу паметно зборува,
малкумина го разбираат

avatar
osa

Број на мислења : 11953
Join date : 2015-01-11

Преглед на профилот на членот

Вратете се на почетокот Go down

Re: ЗА МИЈАЛКОВ ,шефот на УБК НИКОЈ НЕСМЕЕ ЈАВНО ДА ПИШУВА- од архивата на фокус

Пишување by OPOZICIONER on Сре Aвг 02, 2017 2:45 am

ke gi vratat parite site ,taka kaza premierot,pa za to go glasavne
avatar
OPOZICIONER

Број на мислења : 224
Join date : 2016-11-25

Преглед на профилот на членот

Вратете се на почетокот Go down

Re: ЗА МИЈАЛКОВ ,шефот на УБК НИКОЈ НЕСМЕЕ ЈАВНО ДА ПИШУВА- од архивата на фокус

Пишување by Bosonoga on Чет Aвг 03, 2017 12:15 am

kojznae ,nekako mnogu se oddolzi rabotata ,ako i ovie izbegaat kaj i koj ke gi najde .
avatar
Bosonoga

Број на мислења : 141
Join date : 2017-03-15

Преглед на профилот на членот

Вратете се на почетокот Go down

Re: ЗА МИЈАЛКОВ ,шефот на УБК НИКОЈ НЕСМЕЕ ЈАВНО ДА ПИШУВА- од архивата на фокус

Пишување by Sponsored content


Sponsored content


Вратете се на почетокот Go down

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот


 
Permissions in this forum:
Не можете да одговарате на темите во форумот