Бадем

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down

Бадем

Пишување by Гостин on Нед Фед 22, 2015 8:38 pm

Одгледување на бадем во Македонија



Потекло и стопанско значење на бадемот
bademi
Бадемот е една од најстарите овошни култури. Природниот ареал на распространување на бадемот е во Средна и Мала Азија каде што е настанат обичниот бадем Amygdalus communis. Бадемот во култура е внесен од пред околу 4000 г.п.е во Западна Азија и Грција. Од Грција е пренесен во Римската империја од пред 5 век п.н.е., а од таму оваа култура се ширела во другите медитерански и балкански земји.

Еколошки услови на бадемот
    Бадемот е овошен вид од медитеранската група. Но и покрај тоа во зимското мирување е многу поотпорен во однос на другите медитерански култури. Поради тоа бадемот може да се сретне и подлабоко во континентот и на надморска висина од 900 м. Поголемо ширење на бадемот подлабоко во континентот е прилично лимитирано поради неговото многу рано цветање, што особено е изразено кај домашните типови на бадем. Бадемот со цветање започнува штом средно дневните температури ке се покачат над 6°C. Има голема разлика во времето на цветањето помеѓу домашните еко типови и доцно цутните сорти. Во време на цветањето не се ретки штетите од мразевите ниту во најпогодните реони за бадемот. Поради опасноста од измрзнување од доцните пролетни мразови при подигањето на насадите особено треба да се внимава на времето на цветањето на сортите но и на изборот на локацијата.

    Бадемот се смета за овошен вид кој успева на суви и варовити почви. Тој е типичен калцифит. Бадемот успева и на каменливи но и длабоки почви. Во вакви услови бадемот развива корени и на поголема длабочина од каде што се снабдува со вода. На премногу плитки почви бадемот не обезбедува добар принос и кавалитет на плодовите, особено ако нема доволна примена на агротехнички мерки. Општо земено бадемот може да користи почви слични на лозата и затоа често оди заедно со лозата. За интензивно одгледување на насадите и постигање на високи приноси треба да се применуваат интензивни агро и помотехнички мерки. Во интензивни насади задолжителни се наводнувањето, ѓубрењето но и резидба и заштита на овошките. Во вакви насади се обезбедуваат високи приноси од јатки и до 2 т/ха.

Диви форми на бадем
    Бадемот спаѓа во фамилијата Rosaceae, родот Amygdalus. Во рамките на овој род во спонтаната популација на бадеми во средна и југоисточна Европа, Мала Азија и југозападна и централна Азија се среќаваат над 30 диви видови бадем. Во создавањето на културните сорти бадем учествуваат мал број на диви форми.

Обичен бадем (Amygdalus communis D.) - има широк ареал на распространетост особено во Средна и Мала Азија, областите околу Средоземното Море и на други места. Родоначалник е на голем број сорти бадем. Овој вид има два вариетети и тоа: Amygdalus communis var. amara (горчлив бадем) и Amygdalus communis var. dulcis (благ бадем).

    Обичниот бадем е овошка или грмушска со височина од 5 до 7 м, понекогаш и повеќе. Тој е светољубиво, брорастечко растение, кое е отпорно на сушни услови. Кон почвени услови не е голем пробирач. Цветовите се мали до крупни, бели до розево-бели, поединечни, двополови, но се странооплодни. Плодовите имаат разновидна форма и големина. Лушпата на плодовите варира по обоеност, цврстина и набразденост на површината. Јатката е слатка или горчлива, се оделува од лушпата. Јаткана најчесто е поединечна, поретко двојна, богата со масла. Рандманот на јатките е различен и изнесува од 20 до 50% и повеќе. Типовите со горчлива јатка се погодни за користење како подлоги. Јатките од горчливиот бадем имаат голема содржина на амигдалин што го прави многу отпорен на жилогризот.

Див бадем (Amygdalus webbii) - е источно медитеранско растение, почнувајќи од Иран, Мала Азија, Грција, Македонија, Јадранското Подрачје, Јужна Италија и нешто во Северна Африка. Тоа изразито термофилно и ксерофитно растение, кое расте на карбонатни терени, па и на чисти карпи. Поретко се сретнува на силикатни терени. Во Македонија е најзастапен во Повардарието, на Плетвар, Галичица, Мариово и др. Дивиот бадем е трнлив џбун или мала овошка од 3 до 4 м височина. Коренот е слабо разгранет, обично само со сржна жила и тешко се прима при пресадувањето.

Степски бадем (Amygdalus nana) - се сретнува во Македонија само во Кумановско, Кавадарско и Штипско, познат под името дива праска. Тој е многу низок џбун од 0.5 м ретко до 1 м. Се размножува со семе и со изданоци и созадава цели групации.

Опис на некои сорти на бадеми
     Денес се претпоставува дека постојат повеќе од 2000 сорти на бадем. Основен критериум за групирање на сортите бадем се цврстината на лушпата, вкусот на јатката (присуство на гликозидот амигдалин) и времето на цветањето. Во листата на перспективни сорти се: раптопулус, супер нова, никицки 584, виносливи, масбовера, франколи, глориете.

Ферањез
feranjez
Француска сорта која е настаната со хибридизација на сортите Цристо морто и Aи 2. За сорта е признаена во 1960 година. Овошката е бујна и мошне родна. Цвета доцна, цветовите се автостерилни, а за неа добри опрашувачи се сортите ферадуел, тексас, туоно, приморски. Плодовите зреат во првата половина на септември. Плодот е долгнавест, крупен со маса околу 4.5 гр, ретко кога се случува да има дупли јатки. Лушпата е мазна, дебела, со светло костенлива боја , цврста. Според цврстината на плодовите и пандманот на јатките може да се групира со полуцврсти сорти. Јатките се крупни, издолжени, со светло костенлива боја, вкусни и квалитетни, со атрактивен изглед. Оваа сорта е многу ценета за свежа консумација но и за слаткарската индустрија. Во многу земји се смета како најдобра сорта за производство.

Ферадуел
feraduel
Француска сорта која е создадена со хибридизација на сортите Цристо морто и Аи 2. Овошката е средно бујна, родна и брзо прородува. Формира висока и обратно конусовидна круна. Цвета доцна истовреме со ферањез или 1 до 2 дена подоцна. Цветовите се автосерилни, добро се опрашуваат со сортите ферањез, текса, туоно, приморски. Плодовите се со издолжено-елипсовидна форма, крупни околу 5.5 гр, лушпата е мазна, цврскта, дебела, со светло костенлива боја. Јатката е со рандман околу 28%. Нема дупли јатки. Во некои години мезокарпот тешко пука и не се одвојува од коската.

Приморски
primorski
Руска сорта селекционирана во Никицката ботаничка градина во Јалта, во 1935 година. Овошката е умерено бујна, формира обратно конусовидна до широка круна. Скелетните гранки излегуваат под малку остар агол, многу добро обрастени со мајски китки. Многу родна сорта. Цвета доцна, цветовите се розево-бели, автостерилни. Добро се опрашува со сортите туоно, верањез, десертен, римс, никицки доцноцветен и др. Плодовите се средно крупни, 2.5 до 3 гр, доста изедначени по форма и големина. По формата се елипсовидни до пулумесечести. Лушпата е тенка и мека, порозна, со делумно раскршена површина, со светло кафеава боја. Јатките се поединечни, овално елипсовидни, до издолжено јајцевидни, меки, слатки, покриени со кафеава набрчкана покожица. Јатката е со маса околу 1.5 гр. Рандманот на јатките изнеува околу 50%. Плодовите созреваат во средината на септември.

Нонпареј
nonparej
Стара сорта која е издвоена од природната популација на бадеми во Калифорнија, Соединетите Американски Држави. Денес е водечка сорта на бадеми во Соединетите Америкаснки Држави, а раширена е уште во многу други земји производители на бадем. Овошката е слабо до умерено бујна, со широко пирамидална до топчеста круна, добро обрастена со скелетни и полускелетни гранки. Овие гранки се одлично гарнирани со родно дрво. Доста родна сорта. Осетлива е на монилија, а има добра отпорност на мразеви. Цветањето се одвива средно доцна, продолжително. Цветовите се бели со розеви нијански. Автостерилна сорта, добро се опрашува со голем број сорти меѓу кои и тексас, фраџулио, маркона и др. Плодовите зреат уедначено, прикрајот на август и почетокот на септемември. Тие се ситни до средно крупни, со просечна маса околу 2.4 гр. По форма плодовите се издолжено полумесечести, до овални, со остро изразен врв. Лушпата е многу тенка, браздеста, кршлива и лесно пука по должината на спојот. Јатката е полна, крупна, поединечна, издолжено овална, со мазна жолтеникаво-кафеава покожица. Ретко се јавуваат двојни јатки. Рандманот изнесува над 65%. Квалитетот на плодовите е одличен.

Тексас
teksas
Создадена е во Тексас, Соединетите Американски Држави, како спонтан семенец од сортата Лангуедоц. После сортата нонпареј се смета за најраширена сорта бадем. Овошката е средно бујна, со пирамидална круна, со средна родност. Цвета средно доцна, неколку дена пред нонпареј, и неколку дена пред сортата ферањез. Се смета за добар опрашувач за двете водечки сорти. Не го најдобро го опрашуваат сортите нонпареј, фарџулио, маркона и др. Плодовите созреваат доцна, прикрајот на септември. Плодот има правилна округло-елипсовидна форма, со тежина до 3 гр. Лушпата е релативно мазна со светло кафеава боја, полутврда. Јатката е релативно ситна, со овална форма, рандманот изнесува од 40 до 45%. Јатката е со маса околу 1.4 гр, има благо нагорчлив вкус, привлечен изглед и добар квалитет, во плодовите се јавуваат често дупли јатки, околу 30%.

Маркона
markona
Водечка сорта во Шпанија. Најдена е како случаен семенец од природни популации во Шпанија. Овошката е средно бујна, по форма округлеста. Рано прородува и спаѓа во многу родни сорти. Овошката е многу отпорна на суша и често се користи како подлога за многу суви терени. Цути средно доцна, неколку дена пред нонпареј. Автостерилна е а добро се опрашува со повеќе сорти со исто време на цветање. Плодот има округлеста сплескана форма, со маса од 4 до 5 гр. Лушпата е мазна, многу цврста. Јатката има округлеста форма, со рандман од околу 20%. Оваа сорта е погодна за одгледување во услови без обезбедено наводнување.

Супернова
supernova
Нова италијанска сорта која е создадена со зрачење на заспана пупка од сортата Фасционела. Во производствот е од 1987 година. Стеблото е со средна бујност, со редовна и обилна родност. Цвета средно доцна, се смета за само оплодна сорта. Плодовите созреваат во првата декада на септември. Плодот е крупен, околу 4.2 гр, со елипсовидна форма. Лушпата е мазна, полутврда, со светла боја. Јатката е крупна, со рандман од 42%, со светло кафеава боја, со добар квалитет. Се јавуваат до 15% дупли јатки.

Троито
troito
Италијанска сорта која во голем процент е самооплодна. Порано оваа сорта беше групирана во водечки сорти кајнас. Овошката е слабо бујна, со рано и редовно плодоносење. Цвета средно доцна. Плодот има куса бадемаста форма, со поголема ширина, доста надуен по што лесно се распознава. Плодот е тежок околу 4 гр, а јатката околу 1.1 гр. Нема дупли јатки. Рандманот на јатките изнесува околу 25%

http://zemjodelie-ovostarstvo.com/badem-i-rasad-na-bademi-vo-makedonija.html?showall=&limitstart=

Гостин
Гостин


Вратете се на почетокот Go down

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот


 
Permissions in this forum:
Не можете да одговарате на темите во форумот