Oдгледување малини

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down

Oдгледување малини

Пишување by Гостин on Пон Апр 06, 2015 12:04 pm



Пишува: доцент д-р Ана Селамовска, од Земјоделски институт во Скопје

Црвената малина (Rubus idaeus) е повеќегодишно растение од семејството рози (Rosaceae). Распространета е во шумите на Европа, Азија и Северна Америка, а застапена е и кај нас. Таа е рентабилна, стопански значајна овошна култура, со рано, обилно и редовно плодоносење. Плодовите од малина имаат хранлива, заштитна и лековита вредност. Содржат многу антиоксиданси (антоцијани, витамин Ц, фолна киселина, провитамин А, витамин Б1, витамин Б2 и др). Плодовите се богати и со минерални материи (калиум, фосфор, калциум, железо, магнезиум) поради што се препорачуваат во исхраната на децата и постарите лица. Но, и покрај сите овие предности, производствот на плодови од малина во светот е дефицитарно и не ги задоволува потребите на луѓето. За жал во РМ се уште нема интерес за одгледување малина, бидејќи тоа не е во склоп со македонската традиција. Иако во нашата земја има поволни почвени и климатски услови за нејзино одгледување, таа е дефицитарна овошна култура. Се одгледува на површина од неколку хектари. Со оглед на барањата на оваа култура кон еколошките услови, не е извршена соодветна реонизација односно насади од малина се подигнати во реони кои не се многу поволни за нејзин развој и плодоносење. Приносот на единица површина е доста низок, и покрај тоа што биолошкиот потенцијал на културата, со соодветни агро и помотехнички мерки обезбедува принос над 20тони/ха. Постојат и други причини за слабиот принос како: употреба на несоодветен сортимент, отсуство на традиција за одгледување малини, несоодветна агротехника, недоволна обезбеденост на работна рака за одгледување и берби, ниски откупни цени и др. Со оглед на големата побарувачка на пазарот од една страна и и недостаток на плодови од друга страна, во иднина нејзиното производство треба да се интензивира, кое може да се постигне со решавање на гореспоменатите недостатоци како: воведување на висококвалитетни сорти и сорти за механизирана берба на плодови, реонирање односно одгледување малини во соодветни климатски и почвени услови, употреба на квалитетен саден материјал, примена на соодветна агротехника и нови технологии во производството. Особено е важно соодветните трговски организации со овошје, ладилниците и сл., да ги договараат цените со производителите и да постојат гарантирани откупни цени, што ќе обезбедат поголема стабилност на производството на малина. Ништо нема да се постигне, доколку не постои фер однос и добра соработка и договор помеѓу производителите

Фармерите кои сакаат да одгледуваат малина треба да направат правилен избор наmalina3 сорти и правилен избор на реон. Изборот на сортата е најважен фактор за успешно производство на малини. Создадени се повеќе од 1000 сорти , но мал е бројот на економски значајни сорти. Во однос на сортиментот, меѓу водечките сорти малини се еднородните сорти "виламет" и "микер". Саден материјал од овие две сорти во републикава произведува само Земјоделскиот институт во Скопје. Доколку фармерот сака да увезе материјал од други сорти за големопродажба, истите треба да бидат запишани во Националната сортна листа. Малината успева во планински предели до 1200 метри надморска височина, но кога станува збор за обезбедување на високоинтензивно квалитетно производство, најдобро е да се одгледува на надморска височина од 300-800 метри. Најдобро расте и најголеми приноси дава во предели кои соодветствуваат на оние во природните букови шуми. Тоа значи дека малината бара малку повлажна клима, односно реони со повеќе од 800 мм врнежи годишно и висока релативна влажност на воздухот. Најдобро и одговараат климатските услови во битолскиот, крушевскиот, беровскиот реон, во кои реони дава високи приноси и плодовите постигнуваат висок квалитет.

Сортата "виламет" е сорта со висока родност и крупни плодови. Плодовите созреваат во втора половина на јуни. Бербата на плодовите трае 30-40 дена. Се употребуваат за свежа употреба, замрзнување и преработка. Според искуствата на производителите, кај нас оваа сорта покажува многу добри резултати. Сортата "микер" има поголема родност од виламет и созрева неколку дена после неа. Нејзините плодови се крупни и се карактеризираат со уедначеност во големината и обликот. Тоа е сорта чии плодови се погодни за механизирана берба. Приносот и рентабилноста во одгледувањеето на малина зависи од локацијата и организацијата на територијата. Насадот од малина треба да е на локација снабдеба со вода, поврзана со пазар и во близина на поторшувачки и преработувачки капацитети. Парцелата за одгледување малини треба да биде на североисточна или северозападна експозиција, со благ наклон. Треба да се одбегнуваат рамнини, долини и депресии, односно места каде што се задржува студениот воздух, како и западните страни, кои се изложени на директен удар од студените ветрови. Малината не треба да се одгледува во реони каде има честа појава на ветер. Таа е ентомофилно растение. Во природни услови се опрашува со инсекти, поради што е пожелно во близина на малините да има пчелни семејства.

Подготовка на почвата

Почвата на која се подигнува насад од малина треба да биде влажна, лесно растресита и плодна, со околу 3 до 5% хумус. Не поднесува суви, варовити, песокливи, многу кисели и алкални почви. Киселоста на почвата треба да биде околу 5.5-6.5. На кисела почва се јавува недостаток на калциум, магнезиум и доведува до побрз развој на бројни болести, а на алкални почва страда од хлороза. Пред подигнување на насад се врши подготовка на површината која се состои во: уредување и чистење на површината од камења, корења, плевели, потоа следува орање, мелиоративно ѓубрење, уништување на плевели и доколку има потреба се врши одводнување. Малината не треба да се сади на почви каде што претходно се одгледувало малина, јагода, компир, домат, пченка. Соодветни предкултури за малината се легуминозите, грав, грашок, детелина, зелка и др. Малината не треба да се сади како меѓукултура во повеќегодишни овошни насади.

malina2Садење

Малината може да се сади наесен, се до пролет. Есенското садење е подобро од пролетното. Наесен садени садници имаат подобар прием, развиен коренов систем, во првата вегетација развиваат силни изданоци, а во втора даваат повисоки приноси.

За садење се користат здрави, сортно чисти и квалитетни садници. Кореновите жили се прикратуваат за една четвртина од својата должина. Потоа се потопуваат во раствор од фунгицид и каша подготвена од свежа говедска балега, земја и вода. Садењето се врши рачно и машински. Се сади во бразди или дупки. Длабочината на садење ја одредува кореновиот врат на садницата. Коренот внимателно се покрива со ситна земја, при што се води сметка да не се оштетат вегетативните пупки од кои потеруваат новите изданоци. Земјата околу садницата лесно се нагазува. Веднаш после садење, садницата се залива со вода.

Нега на малините

Нега на малините во првата година се состои во: скратување на изданоците на висина од 15-20 см од површината на земјата односно на 2-3 пупки; обработка на површината во тек на вегетација, ѓубрење (2-3 пати во текот на вегетација со 80-100 кг/ха КАН-27% или со 50кг/ха уреа); наводнување, уништување на плевели и заштита од болести и штетници, доколку има потреба. Во првата година не се препорачува користење на хербициди. Нега на малините во род се состои во: навремена обработка на почвата, ѓубрење, уништување на плевели, наводнување, резидба, заштита од мраз, болести и штетници.

http://ffrm.org.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=321:tehnologija-na-odgleduvanje-na-malina&catid=49:ovostarstvo&Itemid=132

Гостин
Гостин


Вратете се на почетокот Go down

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот


 
Permissions in this forum:
Не можете да одговарате на темите во форумот