Форум Мелница
Would you like to react to this message? Create an account in a few clicks or log in to continue.

За заборавените јунаци....

2 posters

Go down

За заборавените јунаци.... Empty За заборавените јунаци....

Пишување by defo Пон Jул 04 2016, 21:06

23 јуни 2001 година. Еден наполнил 19, друг 22 години. Премлади. Подготвени за секаков предизвик. Онака како што сме се заколнале и потпишале. Позади нас беа долгите борби во селото Матејче.
Претходно во Ваксинце, Слупчане и Гошинце. Танушевци и Тетовскиот регион. Две заседи, жртви и ранувања. Се бев направил околу 70 килограми. Ништо поарни не беа ни другите. Немавме редовен контакт и средби со најблиските - роднините и пријателите. Од една страна државата во безредие.
Од друга страна на граничните премини колони граѓани кои одат кон летните одморалишта.Одзивот за воено полициски обврзници едвај достигнуваше 25 проценти. А ние сме се собрале 30-тина воини со тенк и транспортер и ќе го напаѓаме взори североисточниот дел на селото Арачиново. Кој од кој одбрани, стројни, одмерени, стегнати...па на цела мака и насмеани. Решени да победиме во секоја битка, како и во претходните.
Свират куршуми, татнат гранатите. Хелихоптери го надлетуваат местото и дејствуваат во непосредна близина, непосредно пред нас. Грмат тенковските и минофрлачките гранати. Ечат пушките. Сонцето пече.
КОКИ, АЦЕ, ОЛИВЕР, АТАНАС !
Толку лични и стројни. Обучени и воспитани на највисоко ниво. Гордост на секоја специјална единица. Се знаевме со години, од клупите во средното полициско училиште. Верни другари и браќа.
Вториот ден, во попладневните часови, во сред битка, КОКИ ќе ми дофрли: Некни правев свадба, жената ми е бремена. Нека ти е со среќа брате, туку нели ти следуваат слободни денови? – му честитав и со восхит го запрашав човекот со кој четири години бевме во ист павиљон. Се вратив веднаш после свадбата – ми рече. Неможам да седам дома додека вие овде гинете за Македонија. Ќе помине и ова Тонка, луѓето ќе ни бидат благодарни. Не дочека да ја види својата рожба, ќерка која денес го носи неговото име !!!
Во сред таа жештина го погледнував и си помислував со какви храбри браќа сум опкружен. Аце братот, штотуку се пријави доброволно во единицата. Повеќепати доаѓаше и не посетуваше во нашата база, и при секоја посета повторуваше: Мора да ме земете со вас, онаму каде што одите вие, во јуначките битки ! Не ми се седи на страна. А штотуку доби син, неговиот наследник.
Оливер, најмалад борец од Башино село, велешко. Тие денови не оставаше никој да биде пред него. Цело време беше пред нас, јуначки водеше битка – гради вгради со непријателот. Шест дена подоцна подлегна на тешките рани со кои се здоби. Денес кога ќе го поминете тунелот пред Велес, кај Башино село, лево на ридот се вее јарбол над неговото почивалиште и не потсетува на братот Оливер.
Атанас, храбар струмичанец кој штотуку заплови во брачните води. Јунак кој го прифати татковинскиот позив и останаа достоен и верен на заклетвата. И тој не дочека да го види својот син, својатата рожба кој денес го носи неговото име. Премногу го почитуваше и споменуваше ликот и делото на нашиот Делчев.
Денот привршуваше. Ушите ни зуеја од стотината испукани зољи, минофрлачи и другото оружје кое тие денови го користевме во борбите. Започна уште една битка, но многу посилна и пожестока. Се разви борба. Повеќето од нас не бевме во можност да возвраќаме на нападот. Безброј свирежи на куршуми пролетуваа покрај нас.
Се тресеше земјата. Имав чуство дека овојпат нема да се извлечеме. Го бев стиснал еден голем камен, а еден од браќата се фрли врз моите нозе. (истиот оној камен кој го има на фотографијата подолу).
Немаше простор за многу маневрирање и движење. Нападот беше силен. Возвраќавме онолку колку што можевме. Залегнати во некаков неправиле круг од неколку метри, еден до друг. Се погледнавме со братот Коки, кој ме погледна со насмевка и израз на лицето, кој како да сакаше да ми каже : Издржи брат, ќе помине и ова!
Во еден момент погледите ни се изгубија. Силни татнежи, експлозии одекнаа токму на местото каде што бевме залегнати. Токму помеѓу нас. Силината на ударите ме издигнаа над земјата. Огромна прашина и жештина. Лежев некое време. Ниту слушав ниту пак можев да гледам што се случило. После некое време се допирав со едната рака, по лицето и градите. Неможев да станам. Се обидов да ползам и така некако после некое време да се подисправам.
Подобро да не станев, подобро прашината да не паднеше. Подбро да можев да направам нешто за ова да не се случи. Загинаа наши браќа. Се проли крвта на нашите другари. Тие неможеа да се исправат, неможеа да станат.. Неколкумина од другите браќа бараа помош... Ранети, свиткани, крвареа. Толку силни и достојни што стискаа заби од болка но не пуштија ниеден глас, ниеден лелек. Ги погледнував во очите.
Успеав да се свртам на грб. Оружјето уште дејствуваше. Некое време гледав во блискиот рид и во небото. Лебдев. Станавме и започнавме да помагаме на браќата. Имав завои во левиот џеб.
Денес КОКИ, АЦЕ, АТАНАС и ОЛИВЕР не се со нас. Но тие сеуште не чуваат со нивните дела, со нивните млади ликови кои нигогаш нема да остарат.
Денес, кога гледам црвена боја помислувам на моите браќа. На црвената крв која тој ден се разли по земјата, крвта која ни ги натопи униформите и лицата.
Денес, многумина луѓе не ги споменуваат и не ги почитуваат делата на нашите јунаци. Заборавија на храбрите битки онака како што не ги заборавија битките од пред двеилјади години, од пред сто години.
Денес, кога алчноста и себичноста кулминира се повеќе.
Денес, кога гледам новопримени колеги и со почит се поздравувам. Им ја стискам раката, им ги гледам очите. Во тие очи честопати знам да ги препознаам моите соборци.
Денес, исто како и целиве изминати 15 години народот и државата не ни возврати за нашите жртви, за нашите дела. Повеќето молчеа и менуваа теми. Бесрамно молчеа пред херојските дела на нашите браќа.
Денес, други лажни јунаци раководат со мојата татковина. Денес, ја гледам мојата татковина. Онаква, за каква што не се боревме и не гиневме.
Денес, оние најнеповиканите лигуши и мивки ми кажуваат како требало да се работи, како да се постават работите на безбедносен план и како да се брани државата.
Денес оние против кои се боревме и оние кои не се повикаа на поканите за мобилизација ми се потсмевнуваат со иронија потикнати од злото и завидливоста која ги опседнала нивните тела и души.
Барем да се ЗАБЛАГОДАРЕА. Не на нас кои останавме живи и ги трпиме неправдите, туку на оние кои паднаа за Македонија. Исклучок и чест на поединци!!!
Таа ноќ си дојдов дома. Ние кои бевме на таа позиција не ослободија за кратко од понатамошни ангажмани. Кога стигнав на полноќ во мојот дом се поздравив со моите, кажувајќи им дека сум имал лесен ден. Несакав да се грижат и да знаат за судбината за моите браќа. Го изгаснав светлото и си легнав во мојата соба. Лицето го бев стиснал во перницата и молчев до зорите, кога ми заѕвони телефонот и ме повикаа да бидам во стрелачкиот (почесен) вод со кој требаше достоинствено да се испрати еден од нашите браќа.
Денес честопати седам сам на некоја клупа или во некоја подалечна природа и се присетувам на моите браќа. Ех, какви луѓе беа тоа. Немам јас толку зборови со кои би ја опишал нивната човечност, храброст и јунаштво!!!
Тоа беа воини, борци и јунаци на кои ЈАС сега им велам: БЛАГОДАРАМ ЈУНАЦИ!!!
- Став на Тони Ангелески, одликуван бранител на РМ, автор на публикацијата АМАНЕТ.
defo
defo

Број на мислења : 3466
Join date : 2015-01-13

Вратете се на почетокот Go down

За заборавените јунаци.... Empty Re: За заборавените јунаци....

Пишување by reiter Сре Jул 06 2016, 21:04

боле до срж...лесно се поднесува болот од непријателот и се нема страв,ама другото боле..предаството ...

_________________
====================================================================
Они нас јуре као пизде, а ми бјежимо као соколове Very Happy
reiter
reiter

Број на мислења : 2411
Join date : 2015-01-14

https://www.cia.gov/index.html

Вратете се на почетокот Go down

Вратете се на почетокот


 
Permissions in this forum:
Не можете да одговарате на темите во форумот